Неговата Божествена Сесветост, Патријархот Вселенски г. г. Вартоломеј: Огласително слово за почетокот на Светата и Велика Четириесетница 2021

In other languages: GR – EN – PT

28 февруари/13 март 2021 лето Господово

Огласително слово за почетокот на Светата и Велика Четириесетница 2021

✠ В А Р Т О Л О М Е Ј
по милоста Божја
Архиепископ Константинополски, на Нов Рим
и Вселенски Патријарх
до сета полнота на Црквата,

благодат и мир нека биде
од Спасителот и Господ наш Исус Христос,
а од нас молитва, благословение и прошка


Сечесни браќа и возљубени чеда во Господа,

По благоволението и благодатта на добродарителот Бог, влегуваме во Светата и Велика Четириесетница, по долгиот пат на подвижничката борба. Црквата, којашто ги познава лавиринтите на човечката душа, како и нишката на Аријадна, т.е. патот за излез од него – смирението, покајанието, силата на молитвата и на умилителните свештени богослужби, страстоубиствениот пост, трпението, послушанието кон законот на благочестието – и оваа година нѐ повикува на едно боговдахновено патешествие, чиешто мерило е Крстот, а хоризонт – Воскресението Христово.

Поклонението на Крстот – срцевината на Светата и Велика Четириестница, ни ја открива смислата на целиот овој период. Словото Господово одекнува и потресува: „Ако некој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, нека го земе крстот свој секојдневно и нека оди по Мене!“ (Лука 9,23). Повикани сме да го подигаме нашиот крст, последувајќи Го Господа, со устремен поглед кон Неговиот живоносен Крст, со знаење дека Господ е Оној Кој спасува, а не подигањето на нашиот крст. Крстот Господов е „осуда на нашата осуда“, „осдуда на овој свет“ и истовремено, ветување дека злото, во сите негови форми, го нема последниот збор во историјата. Гледајќи кон Христа, застанати под Неговиот покров, на нашиот Подвигоположник Кој нѐ благословува и ги поткрепува нашите трудови, се подвизуваме со добриот подвиг, „во сѐ сме навредувани, но не сме притеснети; во тешкотии сме, не губиме надеж; нѐ гонат, но не сме изоставени; нѐ кутнуваат, но ние не загинуваме“. (2 Кор. 4, 8-9). Оваа е самата животна суштина и на овој крстовоскресен период. Се движиме кон Воскресението преку Крстот, преку кого „дојде радост за целиот свет“.

Можеби некои од нас се прашуваат зошто Црквата на актуелнава пандемија додава, покрај веќе постоечките здравствени ограничувања, уште еден „карантин“, оваа Велика Четириесетница. Навистина, и Великата Четириесетница е еден „карантин“, односно временски период од четириесет дена. Сепак, Црквата не доаѓа за да нѐ истошти дополнително со нови обврски и забрани. Напротив, нѐ повикува да ја сфатиме смислата на карантинот што го живееме поради короната, со посредство на Великата Четириесетница, како ослободување од затворот на нештата од „овој свет“.

Денешното евангелско четиво ги поставува условите за тоа ослободување. Првиот услов е постот, не во смисла на откажување само од определена храна, ами и од оние навики што нѐ држат приковани за светот. Ова откажување не претставува израз на обезвреднување на светот, туку неопходна претпоставка за востановување на нашите правилни врски со него и доживување на неговото уникатно веселие, како поле за христијанско сведоштво. Поради таа причина, и во времето на постот, гледиштето и доживувањето на животот на верните има пасхален карактер, вкус на Воскресението. „Четириесетдневната лествица“ не е депресивна, туку е атмосфера на радоста. Таа „голема радост“ им ја благовести Ангелот „на сите народи“ при Рождеството на Спасителот (Лука 2,10); таа е „полната радост“ што не може да се одземе (1. Јован. 1,4) од животот во Христа. Христос е секогаш присутен во нашиот живот, стои поблиску до нас отколку ние до Него, во сите денови „до свршетокот на светот“ (Матеј 28,20). Животот на Црквата е неразрушливо сведоштво за Благодатта што дојде и за надежта во Царството, за полнотата на откровението на таинството на Божјиот Домострој.

Верата е одговор на човекољубивото Божјо снисходење кон нас, таа е она „Да“ од сето наше битие на „Оној Кој ги приклони небесата и слезе“, за да го избави човечкиот род „од ропството на туѓинецот“ и да ни го отвори патот кон обожението по благодат. Од дарот на Благодатта извира и се храни пожртвуваната љубов кон ближните и „грижата“ за сето создание. Доколку отсуствува оваа братољубива љубов и богопријатна грижа за созданието, тогаш мојот со-човек станува „мој пекол“, а тварта се препушта на бесловесни сили, којашто ја претвораат во објект на експлоатација и во непријателска околина за човекот.

Вториот услов за ослободување што го ветува Великата Четириесетница е прошката. Заборавот на Божествената милост и на Неговите неискажливи добродетелства, отфрлањето на Господовата заповед да бидеме „сол на земјата“ и „светлина на светот“ (Матеј 5,13-14), и лошата промена на христијанското живеење, претставува „затворена духовност“, којашто живее од одрекувањето и отфрлањето на „другиот“ во светот, ги усмртува љубовта, прошката и прифаќањето на различниот. Тоа бесплодно и презирачко гледиште на животот, со посебен нагласок го отфрла евангелското слово од првите три недели на Триодот.

Познато е дека овие крајности манифестираат пораст особено во периодот во кој Црквата ги повикува верните на духовно извежбување и будност. Сепак, вистинскиот духовен живот е пат на внатрешна преродба, излегување од нас самите (од нашето јас), љубовно движење кон ближните. Не се базира во согласност со чистотата и ограничувањето, туку е прошка и расудување, славословие и благодарност, според опитната мудрост на подвижничкото предание: „Не храната, ами чревоугодието е зло…, ниту зборувањето, ами празнословието…, ниту светот е лош, ами страстите“.

Со ова расположение и чувства, соединувајќи ги нашите молитви со сите вас, возљубени, за конечно надминување на погубната пандемија и брзо справување со општествените и економски последици од неа, и просејќи ги вашите прозби и молитви, за возобновување на дејноста на Свештената Богословска Школа во Халки, којашто исполни веќе педесет години од сосема неправедно наметнатото ѝ молчание, ја пречекуваме во Црквата Светата и Велика Четириесетница, пеејќи и воспевајќи го еднодушно „Со нас е Бог“, Кому е славата и власта во бескрајните векови. Амин!

Света и Велика Четириесетница 2021

✠ Константинополскиот
огнен молитвеник кон Бога за сите вас

Извор: Православно секојдневие – Daily Orthodox

DONATE TO DOXOLOGIA INFONEWS

BANK: Eurobank Bulgaria AD (Postbank)

IBAN: BG46 BPBI 8898 4030 6876 01

or through PayPal