Архиепископот Охридски Стефан испрати честитка до новиот Српски Патријарх

In other languages: BG

Архиепископот Охридски и Македонски, г.г Стефан му го честиташе изборот на Порфириј за Патријарх на Српската православна црква, посакувајќи дека неговото водство на СПЦ ќе озвозможи развој на односите меѓу двете цркви.

Архиепископот Стефан во писмото му напишал на новиот Патријарх дека кај него препознава архипастир кој има правилно развирање за состојбите во Православната црква.

-Во Вас, Ваша Светост, гледаме христоподобен архипастир, кој со својата возвишена Евангелска љубов има правилно разбирање за состојбите во Православната Црква и веруваме дека со Вашето востоличување на Светосавскиот трон ќе се пројави и вистинската христијанска љубов и дека меѓуцрковните односи ќе се развиваат, во интерес на нашите блиски народи и Цркви, пишува г.г Стефан во честитката.

Во продолжение целосниот текст на писмото.

До Неговата Светост,
Архиепископ Пеќски,
Митрополит Белградско-карловачки и Патријарх Српски
г.г. ПОРФИРИЈ

Ваша Светост,

Од Наше, како и од името на браќата архијереи, свештенството, монаштвото и верниот народ на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, примете најискрени честитки по повод Вашиот избор, со кој Семудриот Бог, по својата вечна промисла за спасение на сите, Ве возвеличи и Ве постави на престолот на Светата Српска Православна Црква.

Во Вас, Ваша Светост, гледаме христоподобен архипастир, кој со својата возвишена Евангелска љубов има правилно разбирање за состојбите во Православната Црква и веруваме дека со Вашето востоличување на Светосавскиот трон ќе се пројави и вистинската христијанска љубов и дека меѓуцрковните односи ќе се развиваат, во интерес на нашите блиски народи и Цркви.

Се молиме, Семилостивиот Бог и Спасител наш Господ Исус Христос, да Ви дарува добро здравје и духовни сили, за да бидете добриот пастир и верен соработник на нивата Господова за доброто на Светата Црква.

Долгоденствуј, Светејши владико!

П О Г Л А В А Р
НА МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА
– ОХРИДСКА АРХИЕПИСКОПИЈА

АРХИЕПИСКОП ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ
г.г. СТЕФАН

Извор: Religija.mk

DONATE TO DOXOLOGIA INFONEWS

BANK: Eurobank Bulgaria AD (Postbank)

IBAN: BG46 BPBI 8898 4030 6876 01

or through PayPal