Епископ Антаниски Партениј: Се надеваме дека наскоро ќе биде исправена повеќедецениската неправда кон православниот народ кај нас

In other languages: GRBG

За решавањето на сложени процеси, како што е признавањето на автокефалноста на една помесна црква, потребно е време и искрено се надеваме и веруваме дека наскоро ќе дојде благопријатното време за исправање на повеќедецениската неправда кон православниот народ кај нас, вели Епископот Антаниски, г. Партениј, игумен на Свештената Бигорска Обител, во празнично интервју за МИА.

Тој потенцира дека од наша страна преговорите со СПЦ за оваа прашање никогаш не биле прекинати, при што српските архијереи секогаш нагласувале дека Вселенската Патријаршија го има последниот збор за доделување томос за автокефалност.

МИА: МПЦ-ОА сè уште е во очекување на добри вести од Цариград околу признавањето на нејзината автокефалија. Извесен период во јавноста нема информации до каде се разговорите со Вселенската патријаршија. Има застој или работите си течат според утврдениот црковен ред?

Владика Партениј: Решавањето на ваквите сложени процеси подразбираат и време. Секако дека оваа сеопшта состојба со пандемијата повлијае и на овој процес, како и на многу други нешта во светот. Ние искрено се надеваме и веруваме дека нема да биде дозволено застојот да го успори процесот на признавање, туку дека наскоро ќе дојде благопријатното време за исправање на повеќе децениската неправда кон православниот народ кај нас.

МИА: Српската и Руската црква не го одобруваат чекорот автокефалноста да се бара од Фанар. Упатуваат дека прашањето треба да се решава во дијалог со СПЦ, но тоа досега не донесе никаков резултат. Има ли во моментов дијалог со Српската црква на таа тема или сите надежи се насочени кон Цариград?

Владика Партениј: Мора веднаш да се нагласи дека, колку што ми е мене познато, од наша страна преговорите со СПЦ не биле никогаш прекинати. Напротив, кога нашите архијереи инсистирале на дијалог, наидувале на молк и игнорирање од другата страна. Притоа, кога и да се оствареше некаков контакт со српските архијереи, тие отсекогаш, со право нагласувале дека Вселенската Патријаршија го има последниот збор за доделување томос за автокефалност. Меѓутоа, сега кога дојде време да се решава нашето прашање, одеднаш за српските архијереи Вселенската Патријаршија престана да биде првопрестолна црква и да ги нема канонските права за арбитер во православната екумена. Колку апсурдно: кога Патријаршијата ѝ дала томос на Српската Црква го имала тоа право, а сега повеќе го нема?!

МИА: Македонската православна црква очекува позитивна одлука од Вселенската патријаршија. Какви реакции можат да се очекуваат од другите помесни православни цркви, имајќи ги предвид случувањата во православниот свет во врска Православната црква на Украина?

Владика Партениј: Се надевам дека ако не сите, тогаш барем повеќето помесни православни Црква ќе ја стекнат повторно свеста за соборноста, којашто е толку насушна за животот на православните Христијани, но која, за жал, гледаме дека отсуствува. А соборност без началство не е можно. Затоа и канонскиот поредок на едната, света, апостолска и соборна Црква е таков – сите помесни црковни јерархии да бидат во единство, собрани околу Првопрестолната Мајка Црква во Константинопол, преку нејзините историски и канонски права и соборските одлуки. Меѓутоа, властољубието и желбата за доминација си го прават своето и предизвикуваат најголема соблазна и одвраќање од православието на многумина, особено на младата популација, којашто е презаситена од тесногради политики во Црквата, кои имаат секаква позадина, само не духовна. Сепак, накрај не треба да заборавиме дека последниот збор го има Светиот Дух, Кој е вистинскиот раководител на Црквата, така што верувам дека работите ќе дојдат на свое место.

МИА: МПЦ-ОА пред две години побара помош од Бугарската црква, но и покрај најавите и ветувањата, таа иницијатива изгледа замре. Во изминатите месеци дојде и до политички недоразбирања меѓу Скопје и Софија, дури и до отворено оспорување на македонскиот идентитет и јазик. Влијае ли тоа и на меѓуцрковните релации и дали можеме да очекуваме помош и поддршка од БПЦ за решавање на нашето црковно прашање?

Владика Партениј: Да, Синодот на МПЦ-ОА, свесен за повеќе децениското студено негирање од страна на СПЦ, побара помош за посредништво од БПЦ, поради подолгата заедничка црковна историја. БПЦ требаше да се застапи пред Вселенската Патријаршија – којашто единствена има право да додели автокефален томос – за признавање на автокефалијата на нашата Црква, чиишто епархии историски ѝ принадлежеле на Охридската Архиепископија, потоа на Вселенската Патријаршија, па на Бугарската Егзархија (во схизма), на која со сила ѝ биле окупирани од српските власти. БПЦ тоа делумно и го направи, со формирањето комисија за нашето прашање, за што, се разбира, ѝ сме многу благодарни. Се разбира, ќе беше уште подобро доколку Синодот на БПЦ одлучеше, за што не е доцна, официјално да сослужува со македонските архијереи, со што ќе дадеше значителен придонес во процесот на надминување на меѓусебните предрасуди и на поголемо духовно зближување на братските народи, македонскиот и бугарскиот. Сослужување на пониско, свештеничко ниво имаме до денес, а сме имале и архијерејско сослужение. Како што нагласив, не е доцна да се направи тој чекор и сега, доколку има добра волја кај бугарските архијереи.

Извор: Religija.mk


Donate to Doxologia INFONEWS: IBAN BG83STSA93000024673844

Follow us on Twitter: @doxologiainews

Follow us on Facebook page: @doxologiainfonews

Join our Facebook group: @doxologiainfonews.group


✎ КОМЕНТАРИ • COMMENTS ✎